Се бара проектант на новата зграда на Центар, Општината ќе го плати 240 илјади евра

Според податоците во тендерот, висината на објектот треба да биде приземје и четири ката, а кон него да има минимум три пристапи. Предвиден е и подземен паркинг на најмногу три подземни нивоа со најмалку 300 паркинг-места. Просторот пред објектот треба да е полујавен, со плоштад и зелени површини

Едниот од трите капитални проекти, кои градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најави дека ќе ги реализира до крајот на неговиот мандат, веќе е во фаза на „тендерирање“, поточно Општината распиша јавен повик за избор на фирма што ќе изработи основен проект за изградба на нова административна зграда на Центар.
Report Ad

Основниот проект што треба да се изработи, треба да го почитува избраното идејно архитектонско решение до законските рамки, кое беше избрано на јавен анонимен конкурс и треба да опфаќа освен основен проект за изградба на зградата и проект за подземно паркирање.

Општината проценила дека изработката на проектната документација ќе ја чини речиси 15 милиони денари, односно околу 240 илјади евра.

На прашањето до Општина Центар кога ќе започне изградбата на новата административна зграда, која треба да се гради на истата локација каде што во моментов се наоѓаат општинските бараки и дали веќе има план каде ќе се смести администрацијата додека трае изградбата, оттаму велат дека засега нема конкретен датум кога тоа ќе се случи.