МИЛИЈАРДИ СЕ СЛЕВААТ ВО ЗЛАТОТО – што ги плаши инвеститорите?

Златото повторно станува местото каде што големите пари бараат сигурност. По драматичните пресврти во првата половина од годината, благородниот метал во август повторно силно поскапува, а зад растот веќе не стојат само стравот од геополитички конфликти и неизвесноста на финансиските пазари. Купуваат инвестициски фондови, купуваат централни банки, а сè поголема улога има и сомнежот во тоа што ќе се случува со доларот, каматите и огромниот американски долг.

На 25 август спот-цената на златото се движи околу 4.625 долари за унца, откако во текот на денот достигна повеќемесечен максимум. Иако следуваше благо повлекување поради прибирање профити и зајакнување на доларот, златото во август е во плус околу 15 проценти и, доколку го задржи растот, се движи кон најдобриот месец во повеќе од две децении. Од јунското дно од околу 3.942 долари, цената веќе има направено огромен пресврт.